Одржување на Работилницата за „Зелени бизнис идеи за реупотреба на био отпад″ во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“
Во овој период им дадовме задача на учениците да истражат кои се корисни продукти можат да се добијат од искористување на био отпадот и да смислат бизнис идеа за тој продукт со цел да можат понатаму да го продаваат. Добивме навистина инвентивни и интересни идеи „Зелени бизнис идеи за реупотреба на био отпад″ кои на 15 и 16 април 2026 год. во Биотехнолошката лабораторија во рамките на дводневната работилница ги тестиравме преку експерименти со учениците од основните училишта под менторство на нивните наставнички и Експерите. Ова го искористивме повторно да го зголемиме знаењето и свеста на учениците и нивните родители за важноста на циркуларната економија и реупотребата на био отпадот со цел да се намали депонирањето на био отпадот.
На натпреварот за идеи вршевме експерименти за добивање на биосаксија од органски отпад, биохартија и биопластика од лушпи од банана, био-свеќа користејќи портокал и маслиново масло, еко сапун од прегорено масло, склопивме биокомпостара за добивање на компост и го поставивме отпадот за добивање на компост, направивме биоплоча од разни видови на отпад, природен парфем од кора од портокал.
Со големо задоволство ги тестиравме идеите заедно со возбудените ученици и експертите и заклучивме дека сите се успешни!
- Со учениците од ООУ „Војдан Чернодрински″ изработивме биосаксија од органски отпад.
- Со учениците од ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски″ со користење на лушпи од банана добивме биопластика и биохартија и био-свеќа користејќи портокал и маслиново масло.
- Со учениците од ООУ „Кузман Јосифовски Питу″ добивме парфем од кора од портокал.
- Со учениците од ООУ „Климент Охридски″, направивме еко сапун од прегорено масло.
- Со учениците од ООУ „Братство″ склопивме биокомпостара за добивање на компост и го наредивме отпадот за добивање на компост.
- Со учениците од ООУ „Владо Тасевски″ направивме биоплоча од разни видови на отпад.
- Погледнете ја дел од работната атмосфера преку фотографии!
- Најголемиот подарок од овие два убави денови беа широките насмевки на учениците кои успеаа во своите намери за изработка на иновативни, корисни и органски продукти преку користење на био отпадот.
- Учениците со помош на соучениците и родителите сами го селектираа и собираа био отпадот по видови во текот на месец март и април за потребите на изготвување и добивање на корисни продукти во Биотехнлошката лабораторија дел од активноста на проектот за селекција и селективно собирање на органски отпад, по видови, за добивање на корисни продукти во био-технолошка лабораторија.
📷И не само тоа, ја снимавме работилницата за да подготвиме промотивно видео за проектот.
Во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со EcoLogic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, започнавме со одржување на дводневните Работилници за тестирање на „Зелени бизнис идеи за реупотреба на био отпад″ со основните училишта од Скопје.
Проектот е подржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
#CivicaMobilitass, #CHinMK, Цивика мобилитас (civicamobilitas.mk)































