Дел од грантистите на Цивика Мобилитас Civica Mobilitas присуствуваа на Национална конференција на граѓански организации – Национален форум на Цивика мобилитас, кадешто РЕЦ со Партнерите на проектот: „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ поставуваа прашања за Министрите.
Цивика мобилитас го одржа својот годишен настан, оваа година во соработка со Владата на Република Северна Македонија и со заеднички наслов Национална конференција на граѓански организации – Национален форум на Цивика мобилитас.
Форумот се одржа на 15 ноември во хотел Холидеј Ин и на него учествуваа повеќе од 200 претставници на граѓанските организации од целата држава кои ги поздрави амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман, а зборуваа Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Александар Кржаловски, лидер на тимот на Цивика мобилитас; Игор Јанушев, генерален секретар на Владата, како и Изет Меџити, прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање; Весна Јаневска, Министерка за образование; Златко Перински, министер за локална самоуправа; Зоран Љутков, министер за култура; и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Амбасадорката Н.Е. Вероник Улман се осврна на поддршката на Владата на Швајцарија за граѓанското општество и истакна дека покрај постигнувањата, остануваат уште предизвици како што се „поларизацијата на општеството, политизацијата на граѓанските организации, финансиската ранливост, недостатокот на транспарентност и недоверба меѓу државата и граѓанското општество“. Таа истакна дека заедничкото надминување на овие предизвици ќе придонесе да се воспостават неопходни услови за граѓанското општество да стане кредибилен партнер на државата.
Премиерот на Владата на РСМ Христијан Мицкоски во своето обраќање истакна дека е убеден дека во дијалог со граѓанските организации може да се носат поквалитетни одлуки за промени во општеството. „Суштината на овие средби е што вистински ние треба да испорачаме“, рече тој и додаде дека меѓу овој и следниот настан треба да се спроведат активности кои ќе се договорат. „Отворени сме заедно да работиме со граѓанскиот сектор и да најдеме заеднички решенија на реални проблеми, сметам дека поголема транспарентност од тоа нема“, додаде тој.
Подобрувањето на довербата меѓу Владата и граѓанските организации и во општеството генерално е едно од клучните прашања според Александар Кржаловски, лидер на тимот на Цивика мобилитас. Тој ги покани учесниците да го искористат Форумот во духот на соработка. Генералниот секретар на Владата на РСМ, Игор Јанушев побара од граѓанските организации време за да докажат дека можат да помогнат.
Add Comment