Побарувачката за ладилна и климатизациска опрема забрзано расте ширум светот. Климатските промени, урбанизацијата и растечките потреби за комфор, безбедна храна и енергетски ефикасно греење го прават секторот за ладење еден од најбрзорастечките пазари, но и еден од најголемите идни предизвици за глобалниот енергетски систем.

Ладилната опрема е широко распространета во секојдневното живеење, почнувајќи од малите домашни апарати, како ладилници и клима-уреди, до големите комерцијални и индустриски системи, како што се климатизацијата во деловните објекти и системите за ладење во прехранбената индустрија. Опремата за ладење најчесто се означува со кратенката RAC (Refrigeration and Air Conditioning), која опфаќа различни видови уреди за ладење што суштински функционираат според истиот принцип на ладилна машина.

Извор: NextMSC RAC Market Report https://www.nextmsc.com/report/room-air-conditioner-rac-market
Употребата на уредите за ладење расте со брзо темпо во сите делови на светот. Глобалниот пазар на RAC уреди беше проценет на 80,62 милијарди американски долари во 2025 година, а се очекува да достигне 91,79 милијарди американски долари до крајот на 2026 година. Според прогнозите, индустријата ќе продолжи да расте и ќе достигне вредност од 146,11 милијарди американски долари до 2035 година, со просечна годишна стапка на раст од 5,3 % во периодот од 2026 до 2035 година.
Оваа експанзија главно се должи на три глобални тренда: порастот на просечните температури како последица на климатските промени, економскиот раст и урбанизацијата. Станува збор за процес кој сè повеќе добива на интензитет. Ограничениот пристап до ладење ја намалува продуктивноста и негативно влијае врз обезбедувањето квалитетна здравствена заштита, безбедна храна и пристап до образование, со што се поткопуваат напорите на земјите за постигнување одржлив развој.

Извор: NextMSC RAC Market Report https://www.nextmsc.com/report/room-air-conditioner-rac-market
Покрај климатските промени, економскиот раст и забрзаната урбанизација, постојат и дополнителни фактори што придонесуваат за растот на побарувачката за ладилна опрема:
- Потребата од поголем комфор – климатизацијата станува сè поприсутна во домовите, на работните места и во автомобилите;
- Повисоки стандарди во прехранбената индустрија – се зајакнува ладниот синџир на снабдување со храна со цел намалување на загубите, продолжување на рокот на траење на производите и овозможување транспорт на подолги растојанија;
- Употреба на RAC системите за греење – топлинските пумпи сè повеќе ги заменуваат традиционалните котли и електрични греалки, поради нивната повисока енергетска ефикасност, помала потрошувачка на енергија и пониски емисии на стакленички гасови.
Според актуелните проценки, на RAC опремата отпаѓаат меѓу 20 % и 30 % од глобалната потрошувачка на електрична енергија. Се очекува потрошувачката на енергија за ладење на глобално ниво до 2100 година да се зголеми дури 33 пати во однос на денешните нивоа и да достигне повеќе од 10.000 TWh.
Истовремено, се предвидува дека глобалната побарувачка за електрична енергија до 2100 година ќе биде два до три пати поголема од сегашната, поттикната од електрификацијата на транспортот, греењето, ладењето и индустријата.
Земјите во развој во Азија и Африка ќе бидат носители на најголемиот дел од овој раст, при што електричната енергија ќе стане доминантен енергетски извор за зградите, индустријата и автоматизацијата поддржана од вештачка интелигенција.
Задоволувањето на овие потреби ќе бара изградба на бројни нови капацитети за производство на електрична енергија, развој на системи за нејзина дистрибуција и складирање, како и обезбедување огромни количини бакар и други критични минерали и суровини.


