На 27 март 2026 год. во рамки на проектот ,, Земјоделство безбедно од пожари во Општина Новаци” започна садењето на зелениот заштитен појас кој ќе помогне во справувањето и ограничувањето на ризиците од пожари во земјоделските предели на Општината. Во текот на оваа активност се засадија 1100 садници садници од неколку дрвенести видови, односно 700 садници јавор, 290 садници питом костен, 50 садници див костен и 60 садници евла, во атарот на село Новаци. Заедно со локалната заедница и земјоделците помагаме во спречувањето на пожарите онаму каде што се најопасни, во близина на нивните посеви и имоти. Во засадувањето беа вклучени и младите од Општината, припадници на Волонтерското противпожарно доброволно друштво во Општина Новаци станувајќи на тој начин дел од позитивните промени во општината со цел да се превенираат идните настанувања на пожари. На овој начин повтороно ги вклучивме млади луѓе, од кои многумина доаѓаат од земјоделска средина, како идни засегнати страни. Засадувањето беше на локација покрај Спортско-рекреативна пешачка патека НОВАЦИ – Манастир на Пресвета Богородица во општина Новаци. Во оваа прилика како донација од проектот беше доделена моторна дупчалка за засадување на садници со повеќе бургии која Општината Новаци ќе можат да ја користат во некои идни акции за засадување.
Засадувањето продолжи на 28-ми март се додека не се засади и последната садница и со тоа затворивме едно важно поглавје во заштитата од пожари на отворен простор во Општина Новаци. Со засадувањето на последното планирано дрвце од зелениот појас за заштита од пожари, комплетиравме една целина која на траен и одржлив начин ќе помогне во спречувањето и ограничувањето на пожари во овој земјоделски предел. Со оваа мерка се спроведува континуирано, нискобуџетно спречување на пожари што ќе им користи на локалните заедници на долг рок, без потреба од значително надворешно финансирање.
Проектот е дел од програмата „Управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан“ (Landscape Fire Management in the Western Balkans (LFMWB)), што се спроведува со поддршка на Владата на Швајцарија претставувана од Швајцарското федерално министерство за надворешни работи (Swiss Federal Department of Foreign Affairs), преку Швајцарската агенција за развој и соработка (Swiss Аgency for Development and Cooperation – SDC) и во координација со Фармахем од Скопје, како Регионална извршна агенција на програмата.
Општата цел на Програмата е да ја зголеми отпорноста на шумите и пределите од пожари во Западен Балкан, чија егзистенција и социо-економскиот развој зависат од овие предели, користејќи партиципативен пристап со вклучување на локалното население во процесите, преку промовирање на родова еднаквост и зајакнување на јавната свест за важноста на заштитата на природните ресурси.


















