Компостирањето претставува еден од најефикасните и најодржливи начини за управување со биоотпадот – органски отпад од храна, зелен отпад од паркови и градини и други биоразградливи материи. Наместо органскиот отпад да заврши на депонии – каде што се создава метан и депониски исцедок, преку компостирање тој се претвора во вреден ресурс – компост, односно природно ѓубриво богато со хранливи материи, коешто понатаму придонесува за подобрување на плодноста на почвата, и нејзината способност да задржува влага, така што придонесува за намалување на потребата од хемиски ѓубрива.
Компостирањето е природен процес на разградување на органската материја (зелен и кафеав отпад) со помош на микроорганизми, кислород и влага. Клучно е да се постигне рамнотежа помеѓу:
- Зелен отпад (влажен, богат со азот): лушпи од овошје и зеленчук, трева, остатоци од храна, талог од кафе и
- Кафеав отпад (сув, богат со јаглерод): суви лисја, слама, картон, дрвени струготини,
коишто треба да бидат во сооднос 3:1 во корист на кафената маса, односно 3 дела кафеав отпад (јаглерод) и 1 дел зелен отпад (азот), за да се добие квалитетен краен производ компост, што ќе се употребува за облагородување на земјишни површини.
Во однос на Техниките за компостирање ќе споменеме неколку, меѓу кои:
- Компостирање во компостери: може успешно да се спроведува во затворени или отворени компостери и се применува кај домаќинства, јавни институции (училишта, градинки, болници) и мали бизниси, што имаат сопствени дворни површини.
- Заедничко (колективно) компостирање е модел погоден за станбени блокови, јавни установи и индустриски зони. Повеќе корисници заеднички користат еден или повеќе компостери, со јасно дефинирани правила за селекција и одговорности. Предноста е што се добива поголема количина на компост.
- Централизирано компостирање – се применува на ниво на општина или регион, каде биоотпадот се собира селективно на места коишто претставуваат собирни центри, од кадешто потоа се транспортира до централна компостара. Овој систем бара добра логистика, контрола на квалитетот на отпадот и континуирана едукација на корисниците за да се избегне контаминација на содржината.
За наоѓање на најдобар модел како решение за јавните институции и приватни бизниси потребно е да се согледаат неколку фактори за избор на најоптималното решение, како:
- Обем и состав на отпадот: количина на кујнски/градинарски отпад, сезонски варијации во содржината на фракциите.
- Просторни можности и логистика: достапен простор за поставување на компостер/опрема, просторна оддалеченост на корисниците и пристап за транспорт.
- Техничка изводливост и инфраструктура: достапност на технички решенија, опрема и сервисна поддршка.
- Еколошки ефекти и квалитет на излезниот продукт: одржување на потребните вредносни параметри за постигнување потребен квалитет на компостот со можност за повторна употреба, влијание на емисиите (главно миризба).
- Едукација, организациски капацитет и способности: знаење и процедури за селекција, надзор и одржување, човечки ресурси за учество од вработени/граѓани, потреба од едукативни кампањи за правилно одвојување (селектирање).
Интеграцијата на компостирањето во јавните институции и приватните бизниси во различни дејности може да се реализира преку два главни модела коишто исто така може и да комбинираат, а се’ во зависност од капацитетот и потребите.
А. Индивидуален (децентрализиран) модел идеален за субјекти коишто имаат сопствени зелени површини и потреба за директна примена на производот – компостот. Со поставување на индивидуални компостери во дворовите, се овозможува компостирање на биоотпад создаден на локацијата и подоцна, негово користење за оплеменување на сопствени зелени површини. Погоден е за: училишта, градинки, болници, хотели, ресторани, мали фирми.
Б. Централизиран (колективен) модел е погоден за општини, индустриски зони, трговски центри, поголеми организации или урбани средини каде што нема простор за компостирање на локацијата (изворот на создавање на отпад). Така, Јавни институции може да пристапат кон воведување систем за „селективно собирање на биоотпад“ и пристапување кон централизиран систем.
Подолу се корисни фотографии за компостирање
Фотографија 1: Приказ на садови за зреење на органски материи при производство на компост за индивидуална примена

(Примери од иницијатива на Општина Карпош во Општинските основни училишта (ООУ) за спроведување на мерки од Годишниот краток Акционен план за спроведување на ЛЕАП 3 за 2025 година – извор: https://karpos.gov.mk/%d1%83%d1%87%d0%b5%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%be%d0%b4-%d0%be%d0%be%d1%83-%d0%b2%d0%bb%d0%b0%d0%b4%d0%be-%d1%82%d0%b0%d1%81%d0%b5%d0%b2%d1%81%d0%ba%d0%b8-%d0%bd%d0%b0/)
Фотографија (2):

Најпрактичните и најевтини индивидуални компостери се прават од дрвени палети, бидејќи се евтини (често бесплатни) и лесни за монтажа.
Фотографии (3-4-5): Примери за најчесто користени централизирани методи на компостирање. Системите со ровови (лево) ги движат органските материи помеѓу различни ровови во различни фази од процесот на компостирање. Креветните купови (во средината) се долги, тесни и често се превртуваат со употреба на голема машинерија. Аерираните статички купови (десно) можат пасивно да се аерираат како што е прикажано подолу или активно да се аерираат со специјализирана опрема за дување.

Извор: https://drawdown.org/explorer/increase-centralized-composting#overview
Примена на компостот
- За подобрување на квалитетот и плодноста на почвата во паркови, училишни дворови и јавни зелени површини (паркови, дрвореди, тревници),
- Како додаток во земјата за саксии, расадници и урбано зеленило за подобрување на нивниот раст,
- рекултивација на деградирани и еродирани површини,
- органско земјоделство, градинарството и хортикултура (во урбани градини и училишни дворови),
- како замена или дополнување на хемиски ѓубрива.
Зошто е важно да се компостира? Компостирањето е важна практика со повеќекратни придобивки за животната средина, економијата и општеството. Важноста од компостирањето се согледува преку можноста за искористување на органскиот отпад како суровина за производство на компост. Придобивките за животната средина се согледуваат на начин, што се намалува количината на отпад што завршува на депониите, каде инаку отстранувањето на органски отпад е забрането со закон, заради придружните негативни ефекти од распаѓањето на органската компонента од отпадот. Економските придобивки се согледуваат во намалување на трошоците за собирање и депонирање на отпад, на тој начин продолжувајќи го животниот век на депониите. Општествените придобивки се согледуваат преку зголемување на безбедноста и здравјето на луѓето, преку спречување на негативните ефекти предизвикани од несоодветно постапување со биоотпадот, како и преку подигнување на еколошката свест и одговорноста на граѓаните и бизнис заедницата. Компостирањето претставува едукативен процес којшто им овозможува на луѓето, директно да се вклучат во грижата за животната средина и да го разберат значењето на циркуларната економија и зачувувањето на природните ресурсите.
Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.



