ВРАЌАЊЕ НА ПРИРОДНИТЕ СРЕДСТВА ЗА ЛАДЕЊЕ

ВРАЌАЊЕ НА ПРИРОДНИТЕ  СРЕДСТВА ЗА ЛАДЕЊЕ

Со зголемениот фокус на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, природните средства за ладење повторно добиваат сè поголемо значење во современите системи за ладење. Строгите европски регулативи и потребата од одржливи технолошки решенија го забрзуваат преминот кон технологии кои имаат помало влијание врз животната средина, а истовремено нудат висока ефикасност и долгорочна економска исплатливост.

На почетокот на воведувањето на првите ладилни уреди околу 1900 година, како средства за ладење се користеа природните и лесно достапни хемиски соединенија-амонијакот NH3 и јаглеродниот диоксид CO2. Во 20-тите и 30-тите години од XX век се појавуваат CFC и HCFC соединенија. Во 80-тите години беше потврдена штетноста на средствата за ладење врз озонската обвивка на земјата по што тие се заменуваат со  HFC и HFO соединенија и нивните смеси.

HFCs, или флуорираните јаглеводороди, и покрај тоа што немаат потенцијал на осиромашување на озонската обивка, имаат значителни потенцијали на глобално затоплување, делувајќи како стакленички гасови. Токму затоа, преку Кигали Амандманот кон Монтреалскиот Протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, светот се обврза на значително намалување на нивната потрошувачка, па дури и нивно целосно исфрлање од употреба, како што се пропишува со Директивата на ЕУ 2024/573. Денес, природните флуиди за ладење се сметаат за најдолгорочно решение, бидејќи имаат минимален потенцијал на глобално затоплување – GWP (Global Warming Potential) и потенцијал на осиромашување на озонската обвивка – ODP (Ozone Depletion Potential

Во природните флуиди спаѓаат: R-290 (пропан), R-600a (изобутан), R-744 (CO₂) и R-717 (амонијак). Поради нивната висока запалливост, употребата на првите два флуида е ограничена на мали ладилни уреди, додека јаглеродниотдвооксид и амонијакот имаат широка примена во големите системи за ладење.

Амонијакот (NH3 или R-717), е природен флуид кој главно се користи во големи индустриски постројки или ладилници поради неговите одлични термодинамички својства кои овозможуваат постигнување многу ниски температури  Овие системи, благодарение на нивната големина, овозможуваат високи перформанси и ефикасност.

Главните придобивки од системот за ладење со NH3 се:

  • Повисоки перформанси: во споредба со други гасови, како што се R-290 и CO2, за големи индустриски ладилни системи.
  • Висока енергетска ефикасност: јa намалува потрошувачката на електрична енергија и овозможува побрз поврат на инвестицијата.
  • Лесно управување и безбедност: се карактеризира со сигурна работа под строги законски регулативи, при што секој дефект или протекување брзо се открива поради неговиот специфичен мирис.
  • Одржливост: тоа е природен флуид со нула GWP и ODP.
  • Економичност: ниската цена и широка достапност го прават најисплатлива финансиска опција.
  • Оптимизиран дизајн: употребата на цевки со помал дијаметар во системот за ладење овозможува намалено полнење со средство за ладење, енергетски ефикасни компоненти и дизајн.
  • Здравствена сигурност: системот не користи вода, со што целосно се елиминира ризикот од појава на бактеријата легионела.

Суперкритичниот јаглерод двооксид (sCO2) е флуидна состојба на јаглерод двооксид кога тој се одржува на или над неговата критична температура и критичен притисок (304.128 K, 30.9780 °C, 73.773 bar).  Во оваа состојба, тој се шири како гас, но притоа има густина како течност. Системите за ладење во кои состојбата на CO2 се менува над и под критичната точка се нарекуваат транскритични CO2 (R-744) системи за ладење. Водени од строгите регулативи на ЕУ за флуорираните гасови, тие станаа доминантна, стандардна технологија за нови инсталации во супермаркетите низ цела Европа. До 2025 година, над 111.650 европски малопродажни објекти за храна користеа транскритични CO2 системи. Клучни пазарни трендови во Европа (2026):

  • До 2024 година, речиси 30% од европските малопродажни места за храна ја усвоија транскритичната CO2 технологија, зголемувајќи го бројот од 68.500 во 2023 година на над 90.000 во 2024 година.
  • Првично фаворизирана во земјите со поладна клима (Северна Европа), технологијата сега е стандардна низ цела Европа, вклучително и во потоплите јужни региони благодарение на подобрената ефикасност.
  • Големите синџири на супермаркети забрзано ја менуваат технологијата. На пример, TESCO веќе имаше над 1.000 транскритични CO2 продавници во Велика Британија до 2022 година, а Schwarz Group (Lidl/Kaufland) има 4.800 продавници со ладилни уреди кои користат CO2 или пропан технологија од 2024 година.
  • Регулативите на ЕУ дополнително го стимулираат некористењето на средства за ладење со висок GWP.